Издателство
:. Издателство LiterNet  Електронни книги: Условия за публикуване
Медии
:. Електронно списание LiterNet  Електронно списание: Условия за публикуване
:. Електронно списание БЕЛ
:. Културни новини   Kултурни новини: условия за публикуване  Новини за култура: RSS абонамент!  Новини за култура във Facebook!  Новини за култура в Туитър
Каталози
:. По дати : Март  Издателство & списание LiterNet - абонамент за нови публикации  Нови публикации на LiterNet във Facebook! Нови публикации на LiterNet в Twitter!
:. Електронни книги
:. Раздели / Рубрики
:. Автори
:. Критика за авторите
Книжарници
:. Книжен пазар  Книжарница за стари книги Книжен пазар: нови книги  Стари и антикварни книги от Книжен пазар във Facebook  Нови публикации на Книжен пазар в Twitter!
:. Книгосвят: сравни цени  Сравни цени с Книгосвят във Facebook! Книгосвят - сравни цени на книги
Ресурси
:. Каталог за култура
:. Артзона
:. Писмена реч
За нас
:. Всичко за LiterNet
Настройки: Разшири Стесни | Уголеми Умали | Потъмни | Стандартни

СОНОТ ИЛИ ОД ДРУГАТА СТРАНА НА РЕАЛНОТО*

Јасмина Мојсиева-Гушева

web

This paper discusses in brief the history of treatment of the dream through the centuries as well as the man’s attitude towards it. The dream is observed from three aspects: as a hidden process of reality with regard to individual’s condition, as a need to encourage explicative processes of human communities’ life experience having diverse interpretations, and as an element of creative mythical poetic imaginations. Particular attention is devoted to the third aspect, to the presence of dreams as diverse imaginary pictures in literary works and their classification.

The classification accomplished clearly shows that reality is deeply buried in our sub consciousness and unbreakably linked with imaginarity. The dream and reality correspond between each other, they create the bond called life, accumulating a number of different pictures through plurality, which itself is also a criterion managing the pictures.

Соновите со своите необични доживувања, битно разликувајќи се од логичните, рационалните свесни доживувања, отсекогаш биле предмет на човековото интересирање и чудење. Тие се јавуваат како поврзувачка нишка помеѓу реалните и имагинарните доживувања на секоја човечка индивидуа пооделно. “Човекот ја има чудната привилегија да ужива во секојдневната смена на двете различни животни искуства, секое со сопствена логика и сопствено ограничување. Додека јавето ги има своите квалификативи изразени преку цврстината и континуитетот, сонот со својата неограниченост преставува засолниште од непријатните окови на времето и просторот. И токму поради различните предности, според Додс, човекот и не се осмелува стриктно да го ограничи атрибутот на реалноста само на еден од овие два света, а другиот да го претстави како чиста илузија” (24: 450). Постојат култури и цивилизации како оние на индијанските племиња Maricop од Колорадо и Iroquois (23: 458) од државата Њујорк кои го нагласуваат првенството на сонот над секундарната будна состојба исполнувајќи ги и следејќи ги сите наредби од сонот.

И денес, како и во минатото, се уште има луѓе кои на доживувањата и искуствата од соновите им припишуваат иста валидност како на настаните од јавето. Најверојатно тоа доаѓа од елементарната човечка потреба за сигурност и предвидливост која стои некаде на почетокот од скалилото на примарни карактеристики на човечката раса. Од тука големиот интерес за соновите, не само како скриен процес од реалноста кој се однесува на индивидуалните човечки состојби, туку и како потреба за експликација на животните искуства на човечката заедница следени со најразлични интерпретации, но и како елемент на креативната митопоетска имагинација.

И покрај интензивни настојувања да се објасни суштината на овој таинствен феномен, денес се уште сме многу далеку од неговото конечно расветлување. Во дамнешни времиња, сонот бил извор за разновидни мистични верувања. Едно од нив, поврзано со верувањето за бесмртноста на душата е тоа дека за време на сонувањето душата го напушта телото движејќи се во светот независно од него. Интензивното чувство на реалност кое се доживува за време на сонувањето, влијаело врз создавањето вакво верување. Дури некои од древните народи, токму поради уверливоста на реалистичните доживувања, на сонот му даваат поголема вредност отколку на реалните, вистинските случки. Ова е поврзано со подоцнежниот третман на соновите кои добиваат својство на божествени пораки што ги претскажуваат идните случки. Како потврда на овој третман е постоењето се различните соновници составени од древните цивилизации кои биле широко ползувани низ вековите. Во сите нив толкувањето во глобала се совпаѓало, што влијаело за уште поголема увереност во нивната точност, бидејќи било засновано на неколку универзални системи, на етимолошко толкување, на толкување според светите книги, на толкување со симболиката на броевите, на симболистичко толкување (33: 65). Уверливоста на соновите и верувањето во нив стасало дури до таму што, во стариот Рим тие биле сметани за практични прецизни најавувачи на неволјите, па од таму често се користеле и како политичко оружје. Интересен е податокот дека императорот Тиберие (33: 50) најстрого им забранувал на Римјаните да одат во приватните ординации на толкувачите на соновите и со нив да разговараат во четири очи. Секогаш на тие сеанси морал да биде присутен некој јавен сведок (шпиун) за да ги контролира соновите и нивните толкувања, бидејќи тие цврсто верувале во исполнувањето на соновите кои ги сфаќале како неодложни наредби. За верувањето во прекогнитивната функција на соновите филозофот Гарнет (29: 129) развива цела теорија која го задоволува човечкиот разум. Имено тој залагајќи се за монистичката концепција на универзумот смета дека единствената состојба на светот и човекот во неа го содржи во себе ограничениот модел на идната состојба на светот, односно човекот. Според тоа прекогнитивните соништа не претставуваат чудо на природата, туку се детерминирани од внатрешните законитости на човековиот развој. Треба само будно да се следат нашите внатрешни импулси и сништа за да се избегнат детерминирачките збиднувања бидејќи изборот на слободната волја е можен само во детерминирачкиот универзум каде индивидуалната акција може да го промени односот на причината и последицата. Од тука потекнува големата заинтересираност за толкувањето на соновите.

Во деветнаесетиот век многу истражувачи на соновите се обиделе научно да ги објаснат како обична последица на телесните надразнувања за време на спиењето. Тогаш сонот станал одраз на случајното, станал само производ на окото, на студените нозе, на тешко сварливата храна, како што го објаснувале рационалистичко-материјалистички ориентираните истражувачи.

Денес се смета дека соновите ја разокриваат душата на сонувачот. Сликите кои го сочинуваат сонувањето се сетилни спомени за минатите доживувања. Иако тие се дел од нас самите, врз нив немаме никаква контрола. Исто како што немаме контрола врз распоредот на сцените во соновите кои се несредени затоа што им недостасуваат правилата на логичните врски карактеристични за реалното претставување. Нивната конфузност доаѓа токму поради нивната поврзаност со несвесното. Со нив управува друго време со своја логика и идентитет каде на појавувањето на необичното, на пример на двете сонца од прозните записи на Катица Ќулавкова не се гледа како на очудување на знаците, туку како на неминовен процес што следи. “Се појавуваат две сонца на екранот во бавно но очигледно движење. Првото е природно, вистинското, она што ни дава живот. Второто збунува. Бесприродно, беззрачно, студено. Она што не носи живот. Се одмерува постојано со Сонцето и молчешкум го подзабрзува кружењето. Имам впечаток дека, штом го истисне од хоризонтот ќе го поттурне за да остане едно единствено над луѓето. И ќе рече - Сонцето тоа сум јас. И никој нема да му верува. Па сепак, мирно без врева, без насилство како по договор. Јас-сонцето го истиснува Сонцето. Во него може да се гледа со отворени очи. Тоа е разнобојно, крпено, колажно, палјачо од сонце” (9: 31).

Сонот најчесто се појавува како перцептивна слика, при што не се исклучува појавата и на другите сетилни елементи како што се слушните впечатоци, подвижните доживувања, а во некои сонови е застапено и сетилото на вкус и мирис1. Сликите во соновите се подвижни како на филмско платно, некогаш се заматени нејасни изобличени, но понекогаш се поживописни и појасни и од самата реалност затоа што се продукт на дирекното несвесно. Тие најчесто се црнобели, со сива нијанса, но можат да се јават и во боја, во зависност од интензитетот на чувствата врз проекциите на спомените во сонот. Главниот извор на соновите исто како и на несвесните фантазии, според Фројд (26), се наоѓаат во свесните сеќавања кои подоцна биле потиснати иако ја допушта и можноста дека еден дел од соновите и фантазиите е формиран под влијание на филогенетското човечко потекло што претставува наследена педиспозиција. Оној кој има пристап до обата извори на соништата или несвесните фантазии е уметникот. Тој како волшебник успешно се движи помеѓу индивидуалното несвесно во кое се вратиле некогаш доживеаните, а потоа потиснати желби и оние другите, наследените поважните и подлабоките пориви кои секогаш постоеле во несвесното. Како во песната на Миљковиќ тој е оној кој “буден го краде она што сонувачите го сонуваат” (11: 113). Поврзувајќи се и приближувајќи им се на соновите и фантазиите тој го пробива патот кон уметничката реализација. Таа пак како и сета култура може да се разбере како начин на откривање на вистината. Културните текстови може да се сфатат како варијанти на митските приказни кои ги решаваат проблемите на вистината во границите на дадениот систем на културата. За толкувањето на реалното тие, исто како и соновите, се ползуваат со духовната инвенција носочена кон спротиставување на нагонот на смртта.

Од овде произлегува и поврзаноста на сонот со уметноста. Основниот проблем што се јавува при одредувањето на односот помеѓу ониризмот2 и книжевноста е последица на нивното заемно надополнување, на нивната поврзувачка нишка помеѓу аспектите на реалноста и имагинарноста, на нивната магиска моќ во откривањето на вистината, на спротивставувањето на нагонот на смртта и на поврзаноста со симболизацијата.

Сонот, всушност, е појава но и беседа за она што во него се појавува. Штом постои беседа, постои и закон или обратно, штом постои закон постои и беседа во која е заплеткано битието, кое во преддискурсната реалност, како што вели Лакан (31: 33), може да се врати само со посредство на сонот. Така тој - сонот станува основа на секоја идеја за спознавање, постулат кон кој тежи и литературата. До спознанието сонот, исто како и литературата, доаѓа преку драматизација на стварноста, со посредство на метафоричките и метонимиските слики. Сонот има своја смисла и логика, навистина поразлична од онаа на стварноста или на литературата, па сепак логика постои бидејќи без неа не би биле можни неговите толкувања во различните епохи и земји. Преку него се пренесува некоја порака исто како и преку литературата, која не мора секогаш да биде сфатена традиционално, туку на неа може да се гледа онака како што тоа го прави психоанализата - како на желба, која се стреми кон свое самозадоволување или како на чин на разбирање и комуникација. Сонот, како и литературата, е фикција, која е организирана според ним својствени начела.

Тој се почесто добива едно широко поетско значење, претставува израз на човековата потреба од еден поинаков, чудесен свет, така што секој копнеж кон возвишеното и убавото може да се поврзе со категоријата на сонуваното. И сонот и уметноста се поврзани со рефернците од повисок ред кои ги нарекуваме симболи. Тие се трансмитери во разбирањето на возбудливте трансцедентни појави од секојдневниот свет. Сметајќи дека соновите во својата суштина и не се разликуваат од митовите и бајките, Фројд (27) истакнувал дека разбирањето на симболичкиот јазик на едните придонесува за сфаќањето на изразните форми на останатите, што овозможува воспоставување врска со подлабоките слоеви на нашето битие. Соновите и митовите, според Фром (28: 17), содржат важни пораки за нас и од нас и имаат за цел наше подобро и попотполно запознавање. Тоа запознавање најдобро се остварува преку литературата и другите форми на духовно богатство, кои ги откриваат основните карактеристики на секој народ. Балканската литература сведочи за интелектуалната надареност на динарскиот тип распространет на овој полуостров, особено за неговата филозофска интуитивност многупати нагласувана во истражувањата на етнолозите и историографите Владимир Дворниковиќ (7: 977) и Трајан Стојановиќ (35: 73). Силната експресивност и ритмичната динамичност се главната ознака на сите балкански духовни творби. Во нив се среќаваат и се испреплетуваат и словенската чувствителност и балканската животна динамика како контрапункт на страсно доживеаниот сон и репулзивното јаве. Интуитивноста и досетливоста на Балканците се должат на специфичните животни услови, кои многу често наложувале мимикрија, и на улогата што нивната чувствителна природа обдарена со бујна фантазија ја одиграла во опстанокот. Оттука произлегува нивната наклонетост кон симболичко-мистичните појави вклучувајќи го и ониризмот.

Со помош на симболите и со помош на разните форми на имагинација уметностите, халуцинациите, соновите, кои и самите се симболички системи, ни се отвараат границите на нашето доживување. Тие ни претставуваат свет поинаков од секојдневниот во кој се кријат необични, екстравагантни, чудесни, за нас далечно непоимливи доживувања и погледи. Секоја симболизација всушност е резултат на необичностите и одалеченоста. Оддалеченоста од она што е во наша близина, што не ни е на дофат, а можеме да го досегнеме само со ризик. Ноторна вистина е дека далеку стасале само оние уметници кои го изложиле својот живот на крајни опасности, оние кои отишле најдалеку со својот секојдневен боемски живот, оние кои ги почуствувале страдањата или бескрајното уживање, кои допреле до смртта, кои се соочиле со бунтот, кои станале жртва на јунаштвото, кои се препуштиле на имагинациите за минатото или иднината. Во нивниот стремеж кон недосегливите далечини и необичностите им се препуштаат на фантазмите предизвикани од опојни средства, или пак како побезболна варијанта, на своите соништа.

Многу уметници своите дела најпрвин ги сонувале, а потоа се зафатиле со нивно создавање. Италјанскиот композитор Тарнини, за време на сложените соништа составил неколку сонети, и кога наутро ги запишал бил изненаден од убавината на мелодиите. Данте Алигери ја замислил својата “Божествена комедија” сонувајќи. Исто така познато е дека рускиот поет Пушкин многу свои песни ги формулирал во сон. Сонот ги создал композициите на Тарнини, стиховите на Пушкин, Данте Алигиери, Радован Павловски и многу други, кои во своите искажувања отворено говорат за тоа, исто како што Катица Ќулавкова во предговорот на своите прозни записи “Друго време” ќе рече “Овие записи, всушност, не се мои, туку Негови” (9: 6). Уметноста, како и сонот, претставува посебен систем во кој фикционалноста дејствува како принцип за регулирање на сите семантички процеси во системот на тој контекст. Уметноста, како и сонот, претставува посебен систем на контекст во кој фикционалноста дејствува како принцип за регулирање на сите семантички процеси во системот на тој контекст.

Во уметноста фантазијата ја воспоставува врската помеѓу најдлабоките слоеви на несвесното и највисоките достигнувања на свеста. Дури и од реалниот живот фантазијата не може радикално да се исклучи, иако владеачкиот принцип на реалноста во него, како што објаснува австрискиот филозоф Карл Ритер (34: 873), настојува да ја обвини како ирационална3. Како рамноправен, неизбежен фактор, дури и внатре, во рационалното сознавање постои емотивното мислење, инстинктот, интуицијата, металогичниот став, притаеноста кои во соновите испливуваат на површината. Затоа рациото (умот) може за свој предмет да ја има областа на сонот, односно привидно збрканите и нелогични слики на сонот можат да се сложат по принципот на рациото (умот) што всушност претставува еден обид за толкување. Преку толкувањето на соновите, всушност, се прави обид да се осознае пораката пренесена од богатата ризница на преддискурсната реалност - пребивалиштето на сонот, митовите и литературата. Но, дали е тоа можно? Сите толкувачи на соновите ќе се сложат со тоа дека и најисцрпните анализи и најточните толкувања никогаш не можат во потполност и целосно да ја откријат смислата на соништата. Истовремената толковност и нетолковност на соништата укажува на принципот на двостраност. Од една страна тие се чинат достапни отварајќи се за нашето разбирање, а од друга страна го покажуваат својот лик како инконзистентно мноштво кое се спротиставува на секој обид за врамување. Целосното толкување на соништата не е неостварливо само практично, туку е не можно теориски, заради онтологискиот карактер на несвесното. Целосната толковност на соновите би била комична и проект на лидилото, совладување на несовладивото, пречекорување на границите.

Јавето и сонот се испреплетени во еден епохален однос на општествено самосознание и фикционални претстави, кои нè збунуваат. Така виден, овој важен епохален однос е подлога за изразување на сложеноста и необјаснивоста на светот. Бројни се ставовите изнесени во многу постмодернистички дела за неможноста за толкување и разбирање на реалниот свет пред кој стоиме зачудени, со напор да го разбереме, како пред некој неразгатлив сон. “Бесоницата” (8: 152) на Дурацовски е еклатантен пример за дело што поседува една отрезнувачка доза на сомнеж и скепса за разбирливоста на светот, добиена преку иронија4. Иронијата кај него, всушност е призма низ која се гледа вриежот на духовното и допирот до бесконечните вистини преку интимните клетки на суштествувањето. Тоа е остварено на еден специфичен начин, преку проникнувањето на исповедта и фикцијата, преку, како што вели Прокопиев, “самоистражувањето кое се преплетува со цитати и промислување од туѓи автобиографии, филмови, ликовни дела и пред се, дела од литературата”. Јунакот од овој дневник, кој во исто време може да се нарече и постмодерен роман стои видно возбуден пред животот наречен сон, обидувајќи се да продре во неговата загатка давајќи прифатливи толкувања за случувањата околу себе. Тој ја игра ролјата на современ ироничен мудрец, и затоа не случајно пријателите го нарекуваат струшкиот лама, тивок и доследен во својата улога на толкувач на туѓите соништа.

Обидот за толкување и диференцирање на соништата постои многу одамна. Уште во античката ониромантика познат е Артемидоровиот5 “Толковник на сонови” во кој соновите се делат на обични (enypnion) и прочки (oneiros). Првите доаѓаат од доживеаните впечатоци, односно зависат од афективната состојба на сонувачите и се тесно поврзан со реалноста, додека другите, се оние вистинските, со длабоки корени во потсвеста, кои им се јавуваат само на оние кои ги совладале афектите и страстите и земните уживања. Слично, по навод на Додс (24: 451), стариот медицински писател Херофилос од III век п.н.е. верувал дека постојат сонови “од богот пратени” и сонови чие потекло е или во “природната” видовитост на умот или во случајот или во исполнувањето на желбите. Со проучувањето на соновите се занимавале повеќе истражувачи (Фројд, Штекел, Јунг, Ранг, Бинсивагер) од кои, како релевантни за нашата тема, ќе ги изделиме истражувањата на Ernst Aeppli кој во зависност од нивната функција, од можноста за разбирање и толкување, од поврзаноста со реалноста или со потсвеста, од присутноста на индивидуалните или колективните наслојки, разликува повеќе типови сонови. И во неговата класификација некои од типовите сонови се во блиска врска со реалноста, додека кај другите таа врска е непрепознатлива.

Првиот тип сонови ги определува како универзални феномени кои зависат од актуелниот реален живот. Во нив се одразува активната слика на нашата животна ситуација. Тие се верно огледало на нашата скриена духовност, произлегувајќи од нашето искуство, од надворешните доживувања. Човекот најчесто на сон гледа нешта што ги доживувал во своето минато, во своето детство или тоа се веќе одамна заборавени случки. Во книгата “Записи од мртвиот дом”, Достоевски опишал многу соништа за кои раскажувале престапниците од затворот. Содржините од тие соништа биле поврзани со престапите што ги извршиле осудените измачувајќи ги, исто како што во романот “Злосторство и казна” Расколников го мачат морничави соништа поврзани со убиството на старицата што тој го извршил. Нелагодни соништа и случки од минатото го измачуваат и јунакот од расказот “Наше дете” на современиот словенечки писател Винко Модерндорфер. Неговите сознанија за претходните еротски искуства на својата девојка го прогонуваат во форма на опсесивен сон кој постојано се повторува и го разгорува сомнежот дека некој друг го зачнал неговото дете. “Сонував како Штефан пред мои очи се насладува во Ирена. Се повторуваше призорот кога горе, во атељето на Штефан, лежевме сите заедно и кога Штефан се протри од колкот на Ирена... Оној Штефан и оној досаднион газда на дискотеки и локали, оној исштирканиот Игор... Со Ирена речиси ќе падневме од креветот од смеа кога ми раскажуваше за својата еротична игра што ја имала со Игор” (13: 13). Овие негови соништа како и соништата дека нероденото дете му се слизнува од рака како да ја најавуваат одлуката на Ирена да и стави крај на драмата околу непланираното дете.

Постои и посебен тип соништа преку кои се компензира едностраноста на свесното сваќање. Во нив се редуцира она што во реалноста е пренагласено или пак се нагласува тоа што е обезвреднето. Во тој контекст ги наведуваме и зборовите на Анатол Франс: “ Она што го гледаме ноќе се несреќни остатоци од она што сме го запоставиле навечер, соновите се само освета на нештата кои сме ги презирале или напуштиле”. Сето она што не тишти во реалноста, што чувствуваме дека натежнува врз нашата совест, сите наши скриени очекувања се јавуваат преку соновите. Еклатантен пример за вакви соништа е песната “Сон” на Вапцаров, каде во форма на потисната фантазија, се јавува мечта за еден поинаку устроен, подобар свет каде работниците ги надгледуваат машините.. “Лори, јас сонив толку убав сон!/ ... Се сврши војната- со очи ти ми велиш!/ И се е в наши раце, да, се Лори, се е нели?” (3: 85) Знаејќи ги заложбите на Вапцаров и неговите визии за иднината, можеме да се сложиме со објаснувањата дека оваа песна е продукт на неговите нагласени посакувани желби од реалноста. Според објаснувањата на Ernst Aeppli (20: 44) преку ваквите соништа, кои би можеле да ги наречеме предупредувачки, се воспоставува рамнотежа помеѓу свесниот и несвесниот свет. Она што се очекува во реалноста се најавува преку соновите. Ваквите соништа се многу чести и затоа во голем број се јавуваат како мотиви, особено во народното творештво. Тоа се познатите песни за прокобните сонови кои ја претскажуваат смртта на јунаците6, прказните за цариците на кои на сон им се јавува условот кој треба да го исполант за да го донесат на свет долгоочекуваниот пород7, или приказните за соновите кои ја претскажуваат успешната иднина на сирачињата8 и сиромасите9.

Соништата кои се најтешки за толкување обично се поврзани само со несвесното. Сонувачот соновите, најчесто, не може да ги доведе во никаква врска со својот реален живот и затоа свесно го негира нивното појавување. Се порекнува и смислата на било какво толкување. Но, нивното константно упорно повторување го свртува вниманието на сонувачите. Во расказот на Шандор Ѓалски “Сон на доктор Мишиќ” се води токму таква расправа за смислата на толкувањето на соништата и нивната функција во реалниот свет. “Не би се согласил со вас, докторе! Вие напросто ги порекнувате насетувањата и пророчките соништа. Искуството ве побива. Самата историја знае за соништа кои што ја кажале однапред вистината. Знае и за насетувања. Овој факт не може да се премолчи (6: 46)“. Докторот Мишиќ се обидува своите соништа да ги објасни преку едно реално толкување кое наидува на негодување кај неговите соговорници во дискусијата што следи. “Вие својата меланхолија ја толкувате со остатокот од непријатен сон, на кој пак му придавата физиолошко значење. И јас би ви ја протолкувал меланхолијата како остаток од сонот, но јас сум уверен дека човековата душа во сонот има сила да гледа во светот појасно и подалеку отколку најаве. Дотолку повеќе, оваа моќ ја има само во најдлабок сон. Значи сосема е можно вие да имате таков сон во кој што ви е откриено нешто од иднината што не е добро за вас“ (6: 46). И навистина во вториот дел од расказот имагинарните слики од сонот претставени преку симболичните архетипски форми на мракот, студенилото, мртвата сакана, се трансформираат во реални збиднувања. Опесивните соништа на доктор Мишиќ кои на почетокот немаа никава врска со неговиот реален живот полека ја добиваат својата смисла споредувани со она низ што тој минува и што навистина му се случува. Тие како да ги најавуваат настаните што следат, она што треба да се случи со непознатата девојка, но и промената во неговиот живот. Сега, на крајот од расказот, како да станува реално објаснива причината за меланхолијата која цело време, откако ги сонува соништата, ја носи во потсвеста со себе. Нивната појава се поврзува со претскажувањето на фаталниот крај на обајцата. Иако неразбирливи на почетокот, поради дискрепанцата на сонот и јавето, преку реалните збиднувања, соновите ја добиваат својата смисла на крајот.

Извонредно тешки за толкување се соновите во кои не постои никаква врска помеѓу приватните случувања и околности карактеристични за сонувачот и неговите необични чудни сонишата. Во нив нема никаква трага од личниот реален живот на сонувачот. Целиот материјал на сонот доаѓа од колективното несвесно и се однесува на некои крупни содржини или настани. На индивидуата која ги сонува овие соништа и се заканува поплава од архетипски наслојки со огромна психичка енергија која некогаш може, доколку сонувачите не покажат цврстина, да ја уништи и разгради нивната психа. Тој процес е нагласен во цитатот што следи од новелата на Ален Лејтман “Ајнштајновите сништа”: “Сништата го исцрпеа, толку го изморија, што тој понекогаш ни самиот не знае дали е буден или сонува” (10: 7). Преку спојот на интелектуалните размисли и несвесните визии, трошејќи ја својата енергија, големите умови доаѓаат до соломонски решенија. Затоа чести се нивните признанија дека одговорот на проблемите кои ги мачат ги наоѓаат со посредство на соновите. Во своите визии Лејтмановиот Ајнштајн согледува дека “од бројните можни природи на времето, што ги замислуваше во текот на исто толку бројните ноќи една се наметнува како неизбежна” (10: 7). Германскиот физичар Kekule пишува за сон што му помогнал да ја открие формулата за бензол. Неговиот сон се состоел од атоми кои се свиткуваат како змии од кои едната ја зграпчила својата опашка и тука сонот се прекинува.

Ваквите креативни соништа се ретки и им се случуваат на репрезенти или носители на некои нови или обновени научни, религиозни и уметнички погледи. Овие исклучителни сонови некогаш им се случувале на кралевите или господарите кои се грижеле за заедничкото добро на целата заедница. Еден од најцитираните сонови е сонот на фараонот кој сонил седум грди и слаби крави како ги јадат седумте дебели и убави крави, а потем седумте тенки и штури класови кои ги голтаат седумте јадри и богати класови, запишан во Книгата на постанокот (30), а протолкуван како седум гладни години кои ќе ја потрошат храната од претходните успешни години.

Пророчките соништа како мотиви можат да се сретнат во сета литература од најстарата до најсовремената - постмодернистичката. Со толкувањето на ваквите типови соништа се поигрува и Бјац (21: 157) во расказот “Меморијалната сала на кактобластисот или како човекот сонувал дека е пеперуга”. Неговиот јунак-дете Ален Дод преокупиран со своите соништа за пепегугите и нивната метаморфоза, како во урбаните митови за Супермен, Бетмен или Спајдермен, ќе го употреби сета своја умешност за да ја спаси цела Австралија од неконтролираното размношување на кактусите кои го завземале сето плодно земјиште. Успева кога му станува јасно дека “од реалниот свет нема никаква корист” и затоа се препушта на своите сонови преку кои го наоѓа решението “комуницирајќи како пеперуга со другите пеперуги” налетува на видот kaktoblastis kaktorum кој ги уништува кактусите. И како во сите урбани бајки неговите необични соништа дека е некој друг, дека се трансформира во пепегуга не само што му помогнале во решавањето на конкретниот проблем, туку биле признати и од официјалните авторитети со тоа што се изградил музеј што го носи името “Меморијална сала на кактоблестисите”.

Понекогаш се случува да сонуваме соништа наместо некој друг, со кого сме силно емотивно поврзани. Може да се сонува туѓата судбина, туѓите неволји, дури и да се насетуваат решенија за туѓите комплексни проблеми. Еден таков сон обработува “Новелата за сонот” (19: 108) на австрискиот писател Артур Шницлер. Багодарение на интуицијата или благодарение на блиската духовна поврзаност со сопругот, Албертина преку својот сон ги насетува неговите необични доживувања од реалноста. Зачудува истовременоста на случувањето на настаните со визиите од сонот, како и сличноста на скриените еротски желби, неконтролираните пориви, замислувања и посакувања присутни во сонот и јавето. Додека сопругот Фридолин поаѓа во активна потрага по своите халуцинации, Албертина, поради карактеристичниот женски принцип на пасивност и интуитивност, сето тоа го доживува преку своите соништата. Нејзините чудни соништа, всушност, се проекција на авантурите на Фридолин. Но се јавуваат во инверзна насока. Во сонот, Фиорентин решително ја одбива љубовта на непознатата жена изложувајки се на смртна казна, додека таа бесрамно мечтае по туѓите прегратки и рамнодушно го гледа неговото распнување. Сонот и јавето овде се поврзани ифлуктивно исто како што се поврзани двата сопружника такашто промените кај едниот неминовно предизвикуваат промени и кај другиот кои одговараат на неговата нова состојба. Нешто слично му се случува на јунакот од расказот “Траума” (1: 32) на албанскиот автор Ибрахим Бериша. Сето она што тој го сонува е атипично за неговиот реален нормален и среден живот. На крајот ќе се открие дека хомосексуалниот сон што тој постојано го сонува, всушност е сонот на неговата жена која копнее по непознатиот шпанец и со тоа се отфрлаат дилемите за неговата искривоколченост.

Сонувањето не значи само објавување на егзистенцијални вистини за нас, сето она што некогаш ни се случувало во минатото туку тие се поврзуваат со надворешните фактори кои се користат како нивни предизвикувачи. Па така се среќаваат разновидни рецепти за сонување како оној од расказот на Јадранка Владова: “Запомнете ги советите на треварот... Не сметајте го за налудничав доколку со доближено уво до десното рамо ви се загледа во очи шепотејќи дека ако го правите чајот ноќе пердињата мораат докрај да ја сокријат месечината во прозорецот. Да. Ноќе многу нешта можат да ги попречат подготовките за сонување (5: 26)“. Сите тие рецепти содржат најдетални описи на подготовките како при некој мистичен ритуал практикуван во старо време. Уште од најстари времиња применувани се разни техники како осамување, молитва, пост, самоосакатување, инкубација, кои се применуваат за да се предизвика нестрпливо посакуваниот “божествен” сон кој ја претскажува иднината. Во античка Грција познат е обичајот девојките да предизвикуваат пророчки сонови, изведувајќи различни ритуали (јадење солени ѓевреци и пиење вино) во определен ден од годината, во кои ќе го видат својот иден маладоженец или пак ќе го осознаат неговото име. Слична техника во новогрчкиот фолклор, практикувана на денот на света Катерина, е споменувана уште во Хомеровиот еп под истото име kledon (32: 303). И во македонскиот фолклор, во записите на Марко Цепенков (16: 13-18), Стефан Тановиќ (15: 45), браќата Молерови (14: 392), се среќаваат слични обичаи, односно гатањa за брак, поврзани со христијанските празници Свети великомаченик Теодор и Свети 40 маченици во Севастија. Се верувало дека соновите кои на тој начин се предизвикуваат имаат пророчка функција.

Постојат и сонови кои се поврзани со физиолошките околнисти, со телесната состојба на сонувачот врз кого влијаат моменталните надворешни фактори. Тука сонот се јавува како одговор на психата на телесните процеси. Ваков сон среќаваме во расказот “Продавачката на кибритчиња” на Немања Митровиќ, инспириран од истоимената бајка на Ханс Кристијан Андерсон. Додека замрзнува, малата продавачка на кибритчиња во слатката агонија сонува прекрасен сон во кој се појавува нејзината баба како самовила од приказната за Пепелашка и со своето волшебство и овозможува да се појави на балот. Босото, премрзнато девојче на сон: “лесно чекори со стаклени чевличиња... Стигнува во дворецот. Од кругот на салата му пристапува принц и девојчето го препознава момчето кое на улица му ја украде влечката....сонот го позајмил неговиот лик за оваа улога...” (12: 61) на принц кој неуморно во целото царство го бара девојчето што може да обуе толку мало чевле. Во нејзиниот сон се одразува (замрзнува медицински) надворешните случувања, се меша сонот со неостварените мечти од бајките и јавето со реалната глетка на замрзнатото девојче “на кое мразот му обул чевличе од стакло на босата нога” (28: 61). Бројни се примерите за ваквите соништа. Така Декарт сонувал дека е прободен од меч во моментот кога го каснува оса, или пак сонува дека гази по мраз додека нозете му останале откриени и изложени на студенило.

За време на спиењето нервниот систем ја продолжува својата активност, но во изменета форма. Мозочната активност во текот на спиењето ги продуцира соновите. Некои луѓе тврдат дека никогаш ништо не сонуваат. Во делото “Дон Кихот” Сервантес раскажува дека Санчо Пансо никогаш ништо не сонувал “Јас - велел тој - додека спијам ниту се плашам, ниту уживам. Да живее оној кој сака да сонува.” Римскиот император Нерон, исто така тврдел дека никогаш не сонувал. Всушност луѓето кои тврдат дека не сонуваат ги забораваат соновите. Нивната внатрешна смиреност и стабилност во текот на цврстиот длабок сон, влијае врз тој процес на заборавање и потиснување. Но исто така, покрај нашата духовност, целиот тој процес на сонување и помнење на соништата, како што тврдат истржувачите од оваа област, зависи и од поврзаноста на двете хемисфери на мозокот.

Сонот и јавето меѓусебно кореспондираат, тие ја создаваат сликата на животот акумулирајќи мноштвото различни слики преку плуралноста која и самата е критериум што раководи со сликите. Мултиплицирањето и прлуралноста стојат во основата на денешниот поглед на свет и дејствуваат како модел на самоконструкција или да го употребиме Јунговиот10 термин како индивидуализација на психата која го сокрива плуралното либидо. Исто така двојството на сонот и јавето преку приказната, фикцијата, сликата, а најмногу искуството се мултиплицира, сочинувајки ја претставата за битието. Преплетувајќи се сонот и јавето, ја создаваат нишката наречена живот.

 


* The present text is a part of the Project Reality and Imagination in the Balkan’s literatures that was done in collaboration with scholars from different research centers on the Balkans. The purpose of the first stage was to produce insight into the theoretical presumptions of the reality and imagination functioning within the Balkan’s context. As a whole, this stage presents an initial point in the further applicative and comparative researches. The second stage of the Project comparative and analytical study was carried out with regard to specific texts created by Balkan’s authors compared with specific texts created by Macedonian authors. Thus, similarities and differences within the literal procedures, topics, types and genre characteristics of their prose are mainly short stories. Applying such particularity of analysis and existing parallelism between certain Balkan literatures and Macedonian literature was provided insight into the development of concepts on reality and imagination; methods of their application and popularization; as well as specific contexts in which the Balkan literatures have been developing (temporal, theoretical, genre). The Project is realized by following scholars Aleksandar Jerkov PhD (Belgrade), Nikolaj Aretov PhD (Sofia), Namita Subiotto PhD (Ljubljana), Dejan Ajdacic PhD (Belgrade), Aleksandar Prokopiev PhD (Skopje), Ermis Lafazanovski Odd (Skopje), Jasna Koteska PhD (Skopje), Mirushe Hodza PhD (Skopje), Sonja Stojmenska-Elzeser PhD (Skopje), Jordan Eftimov MA (Sofia), Emilija Majstorova MA (Skopje), Sena Arif MA (Skopje), Suzana Spasovska MA (Skopje), Jasminka Markovska (Skopje), and Kiril Mirakovski (Skopje). [обратно]

 

 

БЕЛЕШКИ

1. Податоците за перцептивните доживувања во соновите доаѓаат од истражувањата на германскиот психијатар Hoshe. Води кај Aeppli Ernst (20: 18). [обратно]

2. Доаѓа од старогрчкиот збор ονειρος што значи сон, халуцинации во вид на кошмар, морија, помрачување, кое се карактеризира со снижено ниво на будност, со нарушување на реалното логичко сознание. [обратно]

3. Во филозофскиот речник ирационалноста е определена како филозовско сознавање кое е од повисок ред, подлабоко од рационалното досегнување (25). [обратно]

4. Иронијата кај него, всушност, е призма низ која се гледаат вриежот на духовното и допирот на бесконечните вистини преку интимните клетки на суштествувањето. [обратно]

5. Види кај C. Blum (22). Се разбира дека неговото внимание посебно го привлекле пророчките - алегориски соништа кои ги поделил на пет типа: субјективни што се однесуваат на самиот сонувач; објективни кои во центарот на вниманието ги имаат другите лица; сроднички што се однесуваат на блиски лица; општествени кои опфаќаат збиднувања од пошироки размери и космички кои ги претставуваат случувањата во вселената. [обратно]

6. Види ја песната 766. “Прокобен сън предсказва смъртта на Гоце Делчев”, во Български хайдушки и революционен песенен фолклор (2: 453) и песната “Еј, гиди, Велко војвода”, во Веле Марков (4: 261). [обратно]

7. Види ја приказна “Царицата што била тешка и видела сон: ако изеи една зелена слива, ќе роди: и царо што најде слива во градината од еден силен арап и му го такса сина му на арапо од петнаесет години да си го земи”, бр. 49 во Марко Цепенков (17: 136). [обратно]

8. Види ја приказна “Детето што сонило сонце на десното рамо, а месечина на левото”, бр. 70 во Марко Цепенков (17: 332). [обратно]

9. Види ја приказна “Чоекот со к сметот во шупливата цреша”, бр. 189 во Марко Цепенков (18: 276). [обратно]

10. Иако во неговите дела има само два водечки принципи на психата “анимус” и “анима”, обата се множат преку многубројните архетипски матрици. [обратно]

 

 

БИБЛИОГРАФИJА

1. Бериша, Ибрахим, Траума, во Албанскиот краток расказ. Приредил Ким Мехмети. Скопје: Култура, 1997.

2. Български хайдушки и революционен песенен фолклор. София: Академично издателство “Проф. Марин Дринов”, 2001.

3. Вапцаров, Ј. Никола. Песни. Скопје: Македонска книга; Мисла; Култура, 1988.

4. Веле Марков. Документарна повест за крушевскиот апостол. Приредил Здравко Божиновски. Битола: Друштво за наука и уметност, 1997.

5. Владова, Јадранка. Воден знак. Скопје: Култура, 1990.

6. Ѓалски Ксавер, Шандор. Сонот на доктор Мишиќ. // Црна кула. Приредил Влада Урошевиќ. Скопје: Македонска книга, 1976.

7. Дворниковић, Владимир. Карактерологија Југословена. Београд: Просвета, 2000.

8. Дурацовски, Димитрие. Insomnia. Скопје: Магор, 2001.

9. Ќулавкова Катица. Друго време. Скопје: Култура, 1989.

10. Лајтман, Ален. Ајнштајновите сништа. Скопје: Темплум, 2003.

11. Миљковиќ, Бранко. Сонувачи. // Избор. Скопје: Мисла; Култура; Македонска книга, 1988.

12. Митровиќ, Неманја. Продавачката на кобритчиња. // Бизарни раскази. Приредила Татјана Росиќ. Скопје: Магор, 2002.

13. Модерндорфер, Винко. Нашето дете. // Културен живот, № 1, 2003.

14. Молерови, Димитър и Костадин. Народописни материали от Разложко. 1954.

15. Тановић, Стефан. Српски народни обичаји у Ђевђелиској кази. Београд, 1927.

16. Цепенков, Марко. Народни верувања, детски игри. Кн. 9. Редакција: Кирил Пенушлиски, Лепосава Спироска. Скопје, 1972.

17. Цепенков, Марко. Македонски надодни приказни. Приредил Кирил Пенушлиски. Кн. 1. Скопје, 1989.

18. Цепенков, Марко. Македонски надодни приказни. Приредил Кирил Пенушлиски. Кн. 2. Скопје, 1989.

19. Шницлер, Артур. Новела за сонот. Скопје: Темплум, 2002.

20. Aeppli, Ernst. San i tumačenje snova. Zagreb: Matica Hrvatska, 1967.

21. Bajac, Vladislav. Memorijalna sala kaktoblastisa ili kako je čovek sanjao da je leptir. // Podmetači za snove. Beograd: Čigoja štampa. 2000.

22. Blum, C. Studies. // Dream Book of Artemidorus. Uppsala: Almqvist & Wiksells, 1936.

23. David, Coxhead, Susan, Hiller. Viyije noći. // Polja (Novi Sad), № 274, 1981.

24. Dods, E. R. Uzrok sna i uzrok kulture. // Polja (Novi Sad), decembar, 1981.

25. Filozofski rječnik. Zagreb: Matica Hrvatska, 1965.

26. Freud, Sigmunt. Tumačenje snova. 1, 2. Novi Sad: Matica srpska, 1969.

27. Frojd, Sigmund. Tumačenje snova. I. Novi Sad, 1970.

28. From, Erih. Zaboravljeni jezik. Zagreb, 1970.

29. Jerotić, Vladeta. Psihoanaliza i kultura. Beograd: BIGZ, 1974.

30. Knjiga postanka, XLI, 17, 24.

31. Lakan, Encore. Paris: Seuil, 1975.

32. Lawson, J. C. Modern Greek Folklore and Ancient Greek Religion. New York: University Books, 1964.

33. Pongracz, M, Santner, I. Carstvo snova. Zagreb: Naprijed, 1970.

34. Ritter, Karl. Povjest i imaginacija. // Filozofska istraživanja, god. 8, sv. 3, 26, 1988.

35. Stojanović, Trajan. Balkanski svetovi. Beograd: Equilibrum, 1997.

 

 

© Јасмина Мојсиева-Гушева
=============================
© Електронно списание LiterNet, 13.05.2005, № 5 (66)